Wednesday, January 14, 2015

Местото на кое припаѓам

Знаеш, цел живот бараме место на кое припаѓаме. Место на кое се чувствуваме сигурно, место каде сме среќни... Некаде каде што ќе можеш да бидеш ти секогаш ти, со распуштена и лошо исчешлана коса, без шминка ниту тој неудобен градник што одвај чекаш да го симнеш кога си некаде излезена, да седнеш со чаша чај или какао на фотелјата со книга во рака, некогаш без посебна причина да се напиеш црвено вино... Цел живот ја бараме таа слобода, но да ти кажам искрено ретко кој ја пронаоѓа. Можеби сме задоволни од тоа наше удобно место во кое сме се нашле и престануваме да бараме. Се убедуваме дека сме среќни тука каде што сме, можеби не вистински среќи, но барем ни е удобно, зошто би ја изгубиле удобноста минувајќи во таа потрага која можеби никаде нема да не доведе... 

Изморено ги отворив очите, забележувајќи го Арагорн покрај мене како задоволно си лежи на своето омилено место во светот, џвакаји ја како по обичај папучата која колку и пати да ја скриев секогаш ќе ја пронајдеше. Се смеам, свесна дека можеби по неколку месеци конечно излегувам од таа сопствена криза што самата си ја приредив. Конечно не се будам ноќе сонувајќи нешто ужасно и не плачам затоа што иднината во тој момент ми изгледа безнадежна. Првото нешто што го правам наутро не е повеќе да погледнам колку е часот, ниту ги бројам минутите. Се чувствувам послободно, не посегнувам до празното место од креветот до мене и не чувствувам како срцето за момент ми се стега. Не ги затворам повеќе очите и не те замислувам тебе покрај мене, не те замислувам облечен во сивите пижами, како секое утро те набљудувам затоа што се будам порано од тебе, ги гледам пегите на лицето добиени од сончање, го следам рамномерното подигање на градниот кош, не замислувам како ми се насмевнуваш свесен дека те набљудувам и ме бакнуваш. Другарка ми, која е дипломиран психолог, ми кажа дека премногу се врзувам за такви детали. Во право е. Понекогаш ќе седнам да читам книга и ќе ми текне на некој момент кој треба да биде изгубен во редицата на спомени. Ќе ми текне како задоволно се радувавме затоа што Германија ја победи Аргентина на Светско, се сеќавам дека во тој момент чувствував дека се' во животот можеби конечно е на свое место. Знаеш, си замислував дека можеби ќе изградам свој дом, место на кое конечно ќе припаѓам. 
Го погалив Арагорн, му се насмевнав тажно додека ја остави папучата и ми ја лижеше раката. 

-Ајде, убав мој. Да те нахраниме. - Го гушнав нежно, задоволна што е тука покрај мене. 

Како по обичај ме следеше до кујната, мавтајќи го опашот изразувајќи ја среќата за храната што знаеше дека ќе ја добие. Го гледав седната на столот, со штотуку направеното кафе како ужива во својата порција. Во последно време доста ослабев, не го препознавав својот одраз во огледало. Почнав со некои нездрави навики, јадење еднаш до два пати дневно надвор, пушење по една до две кутии дневно и запоставување на социјалниот живот. Чудно е како го оставив целиот свој живот и она мое мислење дека нема да бидам една од оние разочарани и скршени само затоа што некој дечко ги оставил. Ги склопив очите, обидувајќи се да и избегам на празнината што никогаш не ме напушташе. Чудно е како оддеднаш се' станува поразлично и не се сеќаваш повеќе на личноста која си била. Како одеднаш да го губиш идентитетот, стануваш автоматски, разговараш автоматски. Се криеш од светот, исплашена дека можеби ќе те осудат заради тоа што си ранлива, што лузните се сеуште свежи. Или можеби едноставно се плашиш од моментот кога спомените ќе дојдат а нема да можеш да им избегаш. Не сакам да бидам една од оние девојки што се распаѓаат повеќе. 

Се пресосблекувам од пижамите, следена постојано од Арагорн. Во некои мали ситници како оваа безусловна љубов на мојот лабрадор сфаќам дека едноставно трагаме по погрешни работи. Ги облекувам тренерките, овојпат внимавајќи на изгледот. Последниве три месеци, го облекував она што прво ќе го најдев, книгата беше ставена на пауза, кога и да седнев ќе размислував за нас, ќе размислував кои грешки сум ги направила, ќе размислував за оние времиња кога ќе му пратев да го прочита поглавјето и да го искритикува знаејќи дека секогаш ќе добијам искреност. Ми фали само да го набљудувам како нервозно пцуе затоа што го убиле во некоја од омилените игри, а тој да не приметува дека сум тука. Ми фали да му го закопча фустанот и да почувствувам трпки во телото од неговиот допир, да се изгубам во неговиот поглед, несвесна за останатиот свет. Ја чешлам косата, проклето свесна дека се враќам на самиот почеток. Барем ги нема солзите и онаа стара театралност, ги нема цигарите веќе две недели и почнувам да се враќам на стариот режим на исхрана. Подголтнувам и тешко издишувам. Конечно изгледам барем малку како старата јас, не онаа патетична верзија од себе која ја презирам. Го погалувам Арагорн кој се враќа на мојата папуча и се смеам. Ме следи задоволно до вратата, ги земам клучевите од наткасната во ходникот и ја отворам вратата. Пред себе го забележувам него, за момент времето ми се чини запира и ја чувствувам само сопствената вртоглавица.

Сепак, Арагорн ме враќа во сегашноста моткајќи се околу нозете. Го смирувам галејќи го и се навраќам на него. Сум заборавила колку е длабок неговиот поглед, како целата темнина и светлина да се наоѓа таму. Изгледа лошо и збунето, иако во споредба со она што бев...

-Што сакаш ти? - Ги скрстувам рацете и гледам во него остро, очајно обидувајќи се да ја задржам својата присебност. Гласот не ми трепери и си честитам заради тоа.

-Ова... Повеќе пати навраќав наваму, а никогаш не се осмелив да се качам. Само се надевав дека моеби ќе те сретнам некаде, но никогаш те немаше...

-Не ми одговори на прашањето. Што сакаш од мене? Ти стави крај, се сеќаваш? Ти беше тој што ги игнорираше моите повици...

-Знам. По ѓаволите, свесен сум. Може да влезам? Ајде, само на пет минути. Знаеш дека Веска може секој момент да излезе и да ни направи сцена.

Се потргам несигурно од вратата, збунета од него и од сопствената попустливост. Или можеби кога сакаш искрено, ја оставаш гордоста настрана!?

-И?

-И свесен сум дека сум кретен. Свесен сум дека не те заслужувам. И не го кажувам ова затоа што тоа сакаш да го слушнеш. 

-Не е дека ми е баш желбата.

-Ова... Направив многу грешки. Ме знаеш мене, неспособен да ги искажам чувствата, ниту да си ги признаам себеси. Цел живот бегав од љубовта, а ова со тебе... Ми се чинеше премногу реално. И сакав да избегам од тоа. Сакав да избегам од тоа да бидам еден од оние што ги критикував, оние чиј цел свет се менува затоа што се заљубуваат.

-Избега... Јас никогаш не те држев до мене.

-Знам. Не ми отежнувај. Но, сакам да бидам овде. Со тебе и Арагорн. Го сакам тоа клише. Знаеш... Се плашев дека не сум доволно добар за тебе. Се плашев од тоа дека еден ден ќе се освестиш и ќе се запрашаш што си видела во мене. А ти секогаш беше покрај мене. Секогаш присутна... Не сакав да те изгубам подоцна, се плашев дека ќе боли повеќе. Но, размислувам постојатно за тебе. Размислувам за нас. Ќе легнам вечер и нема да можам да заспијам. Ќе размислувам колку беше убава оној ден кога се запознавме... Ќе ми текне како сабајле ја чешлаше косата и се шеташе наоколу низ станот во моја кошула. Ми недостасува твојата насмевка, тие мали брчки околу очите кога се смееш искрено. Ќе ми фалеше да го земам твоето лице и да те бакнам. Ми фалеше ти. Само ти... 

-Ова... 

-Сфатив нешто. Мислев дека местото на кое човек припаѓа е дом, некој стан, некоја напуштена автобуска станица можеби. Сега сфатив дека тоа се луѓето. А ти си таа на која и припаѓам. Твојата прегратка е тоа место, со шише пиво и карајќи се дали Реал или Барселона се подобри. Смеејќи се и карајќи се. И убави и лоши моменти. И не, не сум некој поет кој често ќе ти пишува стихови, нема да ја величам твојата убавина, иако сметам дека си прекрасна. Кога најмалку се трудиш да бидеш. Не сум човек што повторно ќе ти го каже ова, знаеш дека ретко ќе ти кажувам дека те сакам. Но, те сакам. 

-И јас те сакам...

Кимнувам со главата, чувствувајќи ги солзите по лицето.

-Извини што нема цвеќиња.

-Абе ајде. Ако имаше, ќе те прашам што си направил со мојот дечко.

-Паметна ти! 

Ме бакнува пред да одговорам нешто. Цврсто ме припива до себе и тука се чувствувам сигурно.Арагон ни се мота околу нозете,но и тоа ми изгледа совршено. Можеби е во право. Местото на кое припаѓаме се прегратките на луѓето. Можеби едноставно е толку едноставно и сложено истовремено...


No comments:

Post a Comment