Tuesday, January 20, 2015

А сите приказни го имаа оној совршен крај...

Го отворив прозорецот и седнав на работ на масата што  пред некое време ја критикував заради својата несоодветна положба и чувството за практичност што самата си го имав наметнато. Збунето се изгубив во мсечевата светлина, гладно борејќи се за ладниот воздух кој очајно ми требаше. Ја откопчав кошулата, за момент воопшто не чувствувајќи го ладното. Го измазнив црното здолниште и со солзи во очите ги фрлив штиклите што несомнено совршено ги издолжуваа моите нозе вечерва. Требаше да изгледам на најпреставително можно ниво и го изведов тоа. 

Само никој не ми кажа дека после тоа следува оваа празнина и осаменост.

Седнав на подот, еден момент подолго загледувајќи се во совршено црните нокти. Ми фалеше вино. Со раката преминав преку очите, бришејќи ги немарно солзите и уништувајќи ја шминката и таа мала гордост што ми беше останата. Еве сум, сама и изгубена. Што по ѓаволите сега да правам со гордоста!?

Станав од подот, чувствувајќи блага вртоглавица, како светот одеднаш да беше исполнет со светлина и тоа чудно несовршенство што повторно ја будеше оваа чудна болка во градиве
Вино... Ми треба вино!
Зашеметено влегов во кујната, го запалив светлото и длабоко издишав. Неговите цигари сеуште беа на работната маса, сеуште немав храброст дури ниту по цела недела да ги фрлам во кантата. Токму онаа навика што најмногу ја мразев кај него, сега предизвикуваше слабост кај мене. Ја гризнав немарно устата, ги зграпчив цигарите и го земав првото шише вино што го најдов во шпајзот. Лаптопот сеуште неотворен стоеше на работната маса.  Денес требаше да биде еден од оние денови во кои едноставно би требало да се чувствувам како светот да е мој, да бидам опиена од моќта и од шампанското кое сеуште го чувствував како се слева низ грлото, од луѓето кои разговараа со мене како да сум значајна личност, од импресиите кои не треба да ме остават на мира по објавувањето на моето првенче. Но, наместо тоа го барав него меѓу луѓето, го очекував тоа мое омилено лице да се појави од некаде  да ми честита. Го очекував и моето клише, мојот среќен крај или почеток, ја очекував таа цврста прегратка како ми го одзема здивот и тој негов бакнеж да ме запре додека се обидам да се спротиставам. А наместо тоа, го добив само ова мое разочарување...

Ја запалив цигарата, низ солзи гледајќи во жарчињата и во таа сопствена несоодветност и желба да припаѓам некаде. Желба, дека можеби некогаш човек може да биде среќен без да чувствува дека еден мал дел од срцето е поткршен. Или да ти носи толку многу спомени во една ваква осамена ноќ кога и самата месечева светлина е толку збунувачка... Кога ја нема таа единствена личност да се сложат сите парчиња и да се врати таа чудна насмевка на лицето која знаеш дека повеќе нема да ја глумиш. Се закашлувам неколку пати од цигарата и на крај одлучно ја гасам. Можеби... Чудно е како на крајот, сите несовршености се сведуваат на тоа можеби како нешто ќе се промени... Или како повторно се вртиме во кругови, надевајќи дека среќата ќе ја најдеме на истото место. 
Го земам мобилниот и веднаш ја забележувам неговата порака: 

Изгледаше совршено. И ти и промоцијата. Ти посакувам поголеми успеси. Знаеш, никогаш не би го пропуштил ова. Без разлика колку работите понекогаш ја губат смислата. Доле сум пред зградата, не знам дали да се качам. Чекам на тебе...

Набрзина ја закопчувам кошулата и немарно го бришам лицето и солзите. Ги облекувам папучите и не се погледнувам во огледалото. Го здогледувам потрпен на бандерата,со дневна брада, облечен во омилените фармерки и јакната, со цигара во рака и таа збунетост што толку многу ме потсетува на него. Погледите ни се сретнуваат и потонувам во неговата прегратка. Повторно чувствувам дека го губам здивот и немам зборови, но овојпат ништо не недостасува.

-Ти си луда. Како излегуваш вака... 

Само се насмевнувам и го бакнувам. Можеби и улогите може да се променат во тоа мое клише. Можеби и несовршеностите се она што една приказна ја прават совршена. Можеби и градот никогаш не изгледал поубаво во моите очи, иако чувствувам вртоглавица од алкохолот што денес го имам испиено. А сепак сум совршено свесна дека овде сакам да бидам. Покрај него...

И знаеш, можеби најубавите моменти се оние за кои никој не знае. Оние за кои дури и ти се сомневаш дека се вистинити, затоа што ја враќаат насмевката на лицето откако долго време не била таму. Или едноставно, кога светот почнува да избледува можеби е знак дека треба да ги засукаш ракавите и да почнеш да сликаш. Без разлика колку си лош. Без разлика дали можеби некој ќе ти се смее. Затоа што знаеш, реалноста што сам ќе ја создадеш е подобра од целата илузија што светот ти ја нуди.


No comments:

Post a Comment