Saturday, January 3, 2015

Да и кажам: Моја си! Моја и само моја...

Еден денсе' што сакаш ќе се промениСево кое си верувал ќе го смени вртоглаво својот правец и ќе останеш сам на таа раскрсница
Еден ден ќе седнеш на каучот со пиво во раката уморен од напорниот ден. Ќе пуштиш некоја програма, иако нема да ти го привлече вниманието, ќе се растегнеш уморно, обидувајќи се да се убедиш себеси дека е добра идејата да се напиеш еден Далерон. Ќе ги затвориш немоќно очите, чувствувајќи како животот ти бега од колосек. А се што ќе ти се појави пред очите ќе биде нејзиното лице. Исплашено ќе ги отвориш очите, чувствувајќи како оддеднаш срцето ти чука забрзано. Можеби едноставно, ќе се убедиш, дека си премногу уморен од се'. Ќе си легнеш на каучот, ќе се загледаш во некоја досадна програма за писателите од деветнаесетиот век. И повторно онака, несакајќи ќе ти пролета мисла дека на неа би и се допаднала програмата. Дека би било интересно таа да е покрај тебе и да дискутирате за тоа.

Не!

Ќе ја смениш програмата, бесен на себеси. За момент ќе се запрашаш зошто се навраќаш постојано на неа. И иако го знаеш одговорот и сам, сепак нема да си признаеш. Не сакаш да бидеш уште еден од оние чиј живот се менува затоа што запознале некоја девојка. А мозокот како за инат ќе ти испрати некој спомен од неа, како задоволно те гледа и се смее, се смее на оној начин на кој веруваш дека и самиот снег би се стопил доколку му се насмее. И косата несредена како секогаш и паѓа директно во очи а ти сакаш да ја вратиш на своето место. Ја растресуваш главата, губејќи ја таа слика. Нека и седи несредена како секогаш!

А знаеш дека нема да те остави споменот за неа. Ќе те следи уште, додека си седиш во соба и се прашуваш како си поминала вчера. Како би изгледала во оној црвен фустан припиен за телото, со црвен кармин. Или пак облечена во она најобично издание, кога сакаш да ја сликаш а таа се жали дека не е ништо посебно. Како да и кажеш дека тогаш ти е најубава?

Сакаш да ја видиш, а сакаш да е подалеку од тебе. Да ја чуваш подалеку од срцето кое решило дека е способно и само да тргне на пат без да те праша што мислиш ти. Ќе се запрашаш дали можеби мисли на тебе, а потоа бесно ќе го отвориш прозорецот и ќе се загледаш во белината.

А некоја чудна желба повторно ќе се јави од никаде. Ќе ја посакаш тука, покрај себе. Ќе сакаш за прв пат да се бркаш по снегот и да правиш снежни топки. Ќе го засакш снегот доколку таа е покрај тебе. Го знаеш тоа...

И повторно ќе надвладеат спомените, свесен дека нема да можеш да избегаш од нив. Ќе сакаш таа да е покрај тебе, да се напиете чај или кафе и да ти дискутира зошто повеќе го сака Достоевски од Иго. Или ќе се запрашаш дали ќе и се допаднат слатките од мајка ти и дали можеби некое би и било омилено.

Ќе легнеш во креветот, ќе зјапаш во плафонот повторно следејќи те тоа чудно чувство што ти ги стега градите. Да, убаво би било доколку би била сега со тебе и би лежела во прегратка. Убаво би било да те насмее со некоја глупава шега која нема да ти биде претерано смешна а ќе се смееш повеќе од било кога. Сакаш да ја држиш за рака и да ги гледаш ситните брчки додека се смее и ти раскажува како и поминал денот. Сакаш да и го тргнеш тој прамен кој ќе и падне во очи и да те погледне на оној чуден начин што ти буди оган во стомакот. Сакаш да ја бакнеш, да и кажеш Моја си! Моја и само моја. Па, иако не е до тебе. Иако можеби е со друг.

Сакаш да сонуваш за иднината. Би сакал да имаш ќерка, да биде мала копија од неа, со мало носе и бушава коса. Сакаш да си замислиш дека трча во твојата прегратка уште недоволно сигурна на своите нозе, ти ја земаш во прегратки и слушаш како малото девојче ти раскажува како и поминал денот. Сакаш да ја бакнеш неа, додека децата ви прават чудни звуци демек се гадат, да и се пожалиш дека шефот е идиот и не ти дава покачување со едно старо објаснување.

Сакаш да биде твоја. Само твоја, дури и кога не е. Сакаш да гледате заедно филм, да ги гледаш нејзините глупави серии или некој фудбалски натпревар. Сакаш да го осетиш нејзиното тело припиено до твоето, да ја потпре главата на твоите гради додека ја гледаш небаре е магија. Ја сакаш неа. Ќе ти текне, ова е тој момент кој цел живот си го барал. Таа е вистинската...

Ќе сфатиш дека секој ден со неа е различен. И сакаш кога она те нервира иако ти ги кине живците. Сакаш да ја замолчиш со бакнеж, сакаш да го гледаш тој оган во очите додека се обидува да те убеди во нешто. Сакаш да запалиш оган на некое осамено место, да ја прегрнеш и да ја бакнеш во чело. Ги сакаш ѕвездите, да и ги подариш на неа, да ја слушаш како измислува приказни за тоа што има горе. Сакаш да заминеш на патување со неа кое ќе трае цел живот затоа што знаеш дека нема да биде никогаш досадно. Знаеш дека кога ќе се пресечеш додека се бричиш и бесно ќе опцуеш, ќе те натера да се намачкаш со алкохол и ќе те бакне за побрзо да ти помине. И знаеш дека ќе се насмееш. Затоа што ја сакаш. Затоа што знаеш, таа е вистинската...

И само длабоко ќе воздивнеш, со телефонот во раце и со таа широка насмевка на лицето. Знаеш дека сите другари вечно ќе те заебаваат затоа што си станал папучар и си се заљубил, но дека повеќе не е важно. Затоа што знаеш дека сите ќе ја сакаат неа. Затоа што е забавна, насмеана, прекрасна. И само твоја...


No comments:

Post a Comment