Friday, March 21, 2014

Македонија- идеална земја за живеење... за спомениците на Плоштад

Започнува политичката нервоза. Или започната е таа веќе одамна, само сега пропагандата е на она повисоко ниво. Сакаш на форуми, Фејсбук или кафичи разгорена е темата за нашава политика и престојните избори. Си има и луѓе што си кулираат, си го наредиле во животот па си уживаат во Сонцето кое еве конечно решило малку да не израдува. И ете, муабети од тип -За кој си брат? Се знае брат (или ВМРО или Есдеес). И ете ја тука започнува таа битка кој е во право, кој направил повеќе, кој си го сака народот повеќе. И тука пука филмот, иако реално си седиш и се правиш дека си од оние кои политиката е нуклеарна физика. Барем ќе бидеш поштеден од сето тоа долго предавање и плунката која онака несакајќи ќе ти се залепи за лицето.
Е па брат, еве сега ти кажувам за НИКОГО не сум. Ниту сум видела аир од нив, нити нив ги интересира за тебе иако можат да ти продаваат приказни дека ти си нивната иднина, дека тие работат за тебе. Да братче работат, да можат и државата ќе ти ја продадат за добра цена. Еј, па чекај нели го прават тоа?!
Да се биде политичар не ти значи ништо повеќе од тоа да си го наполниш џебот што е можно повеќе, на народот да му ги замачкаш очите небаре се овци за стрижење ( според муабетиве тоа и се!). Не се замараат со твојата состојба, дали ти одвај крпиш од месец до месец, дали децата ти се болни а ти не си здравствено осигуран затоа што сме јака држава.
Не можам да не ги ставам и двете партии во ист кош кога исти се со некои недостатоци различни кај едните и другите. Едните почнаа со уништувањето на нацијата , другите го завршија. Што ќе се изградат неколку споменици, ќе се фрлат милјарда евра онака и после со тоа се направило нешто?! Што да се замазнат очите на народот за исперените пари? А и народот нема пари за леб, се радува како мали деца на играчки. Остави тоа што шефот си е поврзан со партијата и не дава редовно плата, остај тоа што цените на производите се високи, имаме споменици да им се радуваме.. 
А децата дома ќе се снајдеме бе некако. Некој со партиска книшка ти го земал местото на работа. Оди, честитај му. Или бездомниците кои немаат кај да преспијат и секој ден е борба за опстанок?! Не ги гледаш нив, спомениците ги сокриле под себе...
Ајде де. Сериозно со овој муабет? Некој,кој до вчера не знаел да пишува и одвај завршил средно со тебе сега министер ќе биде. А ти мачи се со факултетот, ќе те чека некоја работничка за ниска плата или пазарот не ти бега. Позитивна вест,.има субвенции за земјоделците...
Е па наместо да се вложи во земјата, да се направи секаде асална канализација, водовод и патишта, наместо да се има место за секој барем да преспие некаде ќе се градат споменици. Спомениците се иднината на Македонија! За да се заскрие срамот во заднина...
И младите не постојат. Чисто онака знаеш. Додека стидентите живеат некој мизерен живот во студентските домови (пардон, ако воошто си го заслужиле името) пензионерите ќе одат на скијање. Не велам дека треба да им се скратат правата или поволностите што им се дадени, но да се помисли и малку на младата сила на земјата не ќе беше лошо. И после зошто сме сакале да заминеме во странство?! Со ваков,однос што го добиваме, се чудам како воошто некој,живее во земјава. Ете на пример актуелна тема е Студентскиот дом Гоце Делчев и условите (пардон НЕуслови!). Насекаде низ светот се изнесе веста само нашите медиуми си молчат затоа што во Македонија се е рај. Малку да се заинтересираше власта за домовите не ќе беше лошо. Или се водат по политиката направено е, го имаме (па и пред педесет години ако сака нека е) не му треба реставрација. За поважни нешта се потребни парите. На пример споменици треба да се изградат, да се префрлат пари на сметка, да се поткупат телевизии и луѓе, да се замолчи народот.
И што ова е таа земја за која се бореле предците? Да биде Македонецот угнетуван зошто е Македонец? Да не може да се изјасни слободно што е?! Ајде, ставете другиот јазик да ни биде национален, искинете ги и запалете ги македонските знамиња... Затоа што народот се кара која партија е подобра или која турска серија вечер ќе се емитува, политичарите раскарани кој е крив,кој прав и кој повеќе направил... Сакате да ви кажам што направивте?! Ја продадовте земјата, си го продадовмте идентитетот, младите не се важни, народот помалку голта што ќе му се каже. Направивте човек да не може да биде МАКЕДОНЕЦ во своја земја, да бидат сите раскарани меѓу себе наместо да го бранат своето. Направивте тоа што евтино продадовте се што било скапо платено па сега предците се вртат во гроб гледајќи ја вашата јака политика. Гајле ви е вас за народот, важно имате пари во џеб или на сметка. Тоа е целата приказна. А народот нека се мачи да преживее во овој крпен живот како што би рекол Стале Попов. На сосема погрешен пат сме тргнати, но еј нема врска. Иднината на спомениците останува. Народот никој не го прашува веќе одамна.

Friday, February 28, 2014

Последниот ден

Седеше незадоволно на својот кревет, обидувајќи се да да се сконцентрира на задачите по математика. Ги протри очите, чувствувајќи се исцрпено. Сакаше да гледа телевизија, но знаеше дека мајка му ќе му се налути ако претходно ја нема напишано домашната. А и подоцна беше прашање дали ќе ја добие потребната дозвола. Искрено посакуваше што е можно побрзо да порасне и да замине некаде далеку со својата мајка каде што нема да ги следи злото. Ги отвори очите и незадоволно погледна низ прозорецот од каде што слушаше детски извици. Најверојатно сите негови врсници се надвор и играат, додека тој е тука закован како под некоја казна да решава некои си измислени глупости кои не гледаше како ќе му бидат од корист. Барем не сега...
Денеска повторно му ја забележаа модрицата на десната рака а тој како по обичај мораше да измислува дека се степал со некого. Не знаеше дали му веруваат, повеќе не го интересираше, само ги чувствуваше солзите во очите. Не сакаше да создава лажни слики за себе пред сите, не сакаше да го гледаат како насилник... Понекогаш посакуваше еден момент да му биде дозолен да го потроши сам на себе, без многу да го испрашуваат кој е, што е, што му се случува... 
Се врати во реалноста, незадоволно прегледувајќи ја својата соба. Не наликуваше на соба на дете на негова возраст, немаше ништо свое во собата. Како да живееше онака провидно, чекајќи го совршениот момент да избега и да не мора да зема ништо со себе.
Ја слушна вревата која одеднаш настана во дневната и незадоволно ги отфрли книгите од себе. Ја подотвори својата врата, спремен повторно да биде понесен во тој кошмар со кој секој ден се соочуваше.
-Каде е јадењето? - Го забележа својот очув кој повторно беше пијан и оптегнат на каучот како некоја дебела мачка која го чека Сонцето за мрзеливо да се протегне. Погледот му беше изгубен како секога, очите закрвавени, го чувствуваше мирисот на алкохол кој се ширеше наоколу. 
-Во кујната.- Мајка му одговори мирно, иако лесно можеше да забележи дека трепери. 
-Донеси овде да јадам. И направи нешто салата да замезам со ракијата што ни ја донесе Дејан пред некој ден. - Гласот му се губеше монотоно со програмата која ечеше во собата. Се напреграше да слушне се, не забележа дека рацете му се стиснати во тупаници. Знаеше реално дека не може да стори ништо против него кога ќе го нападне во таа негова полусвесна состојба. Имаше само девет години, а тој личеше на оние дебели китови или моржови кои ги гледаше повремено на телевизија.
Ја гледаше мајка му како се труди да му удоволи како секој пат, рацете и трепера додека му ја носеше чашката полна со ракија и салатата. Ги затвори очите, но се што гледаше во таа темнина беше ударите што тоа копиле и ги задаваше на својата мајка. Како можеше да го нарече татко кога реално тој не беше тоа!? Беше еден обичен човек со кого ја делеше куќата и се трудеше да им ги уништи нивните животи. Не се сеќаваше како беше пред да дојде тој човек во нивниот живот, но сега знаеше дека животот беше едно ужасно поглавје со кое не знаеше како да се справи. 
Изненадено ја крена главата кога го слушна кршењето на чинија. Мајка му се држеше за образот и низ лицето и течеа солзи, тој беше станат и изговараше најразлични пцости кои требаше да бидат недостапни за неговите уши во наредните неколку години. Гледаше како беста ескалира, како ударите беа се побројни, како плачењето и болката на мајка му ја исполнуваше просторијата, но се чинеше дека никој во комшии не слуша ништо или ова веќе стана секојдневност со која се помирија. Но, тој не можеше само да седи и да гледа како тоа копиле го уништува животот на мајка му и неговиот. Го болеа нејзините врисоци за помош, го болеше фактот што е немоќен да стори нешто за да избегаат од канџите на ова суштество што требаше да биде човек и тоа полицаец и да ги брани невините. 
Не знаеше од каде смогна сила, но ја зеде тешката вазна и нечујно се доближи до него кршејќи ја од неговата глава. Тоа беше доволно за еден момент тој да се зашемети, но реално не можеше да реагира. Мајка му низ плач се обидуваше да ја состави искинатата блуза која и виснеше на голото тело, а тој зашаметено ги гледаше и двајцата. Срцето му чукаше брзо, знаеше дека нема да се спаси овојпат, дека нема да помогнат молбите од мајка му да не го чепка. Боите беа поинтензивни, чувствата во него некако пред ерупција, но рацете сеуште ги држеше во тупаници. Ги чувствуваше неговите раце врз своето слабо тело, молбите на мајка му да прекине, неможноста да се отргне од светот. Се обиде да направи нешто ,да се извлече но реално стисокот беше премногу силен за да успее. Само почувствува како тој го оттурна од него и одеднаш беше повлечен во некој вртлог. Ја чувствуваше болката еден миг, но веќе во следниот му се чинеше дека е повторно во својо мек кревет и се припрема за спиење. Ги затвори очите и се препушти на бездната која го повикуваше да се приклучи во светот на темнината засекогаш...


Thursday, February 27, 2014

До следниот пат

Незадоволно играв со прстите од дрвената маса (да беше другар ми до мене, можеби би знаел поточно од кој материјал е, но него го немаше) и ја слушав заразната мелодија во позадина иако не знаев која песна е. Сепак потпевнував некои стихови, во обид да се снајдам, иако реално се што успеав беше да ја упропастам песната. Добро е што никој не ме слушаше, лошо би било да му ја пренесам песната во ова лошо светло кое излегуваше од моето грло. Гледав во прстенот кој задоволно се протегаше на средниот прст затоа што реално само тука го собираше затоа што ми беше поголем ( или пак поверојатно, прстите ми се тенки па ниту еден нормален прстен не може да се фати на нив). Го мразам тој процес на чекање, отсекогаш било така и реално ретко се случувало да закаснам некаде. Се обидов да се олабавам, да заборавам на миг на проблемите кои ми тежнеа, па дури и на повреденото колено кое за среќа не ме болеше. Можеби, беше подобро да го земам мобилниот, па да бидам уште една од сите кои „дремат“ закачени на интернет во обид да им помине времето. 
Но, реално немав некоја желба тој момент. Тешка приказна сум јас, илјада пати ми имаат кажано а јас не можам да не се сложам со нив. Наместо тоа ги набљудував луѓето во близина, нивните весели разговори, мирисот на кафе и опојни парфеми, згодни луѓе облечени во некое совршено издание. Реално не е дека припаѓав во тој опоен свет на хаос и убавина, но ми се допаѓаше да бидам еден нем посматрач кој се чини дека за еден момент можеше да ги прочита сите. Или поточно би било дека ги сместив луѓето во некои мои приказни, во свет каде што не се знае што да очекуваш, но барем дејствието е неизоставен дел. Се насмевнав задоволно на дечкото што седеше спроти мене, иако знаев дека е доволно занесен да ме забележи. Не знам што беше тоа што ме привлече кај него и што хипнотизирано го набљудував. Не е дека беше некој си презгоден дечко што би го приметиле во некоја топла, но имаше нешто кај него што те тераше да го набљудуваш (прикриено колку што се може!). Замислено зјапаше во листот пред себе, во десната рака држеше молив, челото му беше набрано што значеше или дека е изненаден или се обидува да се сконцентрира (во случајов изгледа беше второто). Усната му беше стегната во права линија, очите не можев да ги забележам, но претпоставив дека беа темни како неговата блуза. Носот му беше правилен, ја забележав тетоважата на десната рака иако не можев да ја разберам. Претоставувам дека пишуваше нешто, најверојатно кинески, но јас и јазикот тешко дека сме во некое блиско сродство. Ме интересираше што се наоѓаше на листот хартија, што беше тоа што толку го занесе и однесе во тие непознати предели што беа недостапни за мене. Со раката премина преку косата и се напи од кафето. Ми се насмевна, имаше некоја пријатна насмевка (не онаа совршена, но реално привлечна) што ме натера да се вцрвенам затоа што сфати дека љубопитно го испитувам. Не знам реално што беше тоа кај него што беше толку интересно што човек не можеше да го тргне погледот од него. Во ред, тетоважата си имаше дел од таа привлечност, но тоа одеше до нешто подалеку што не можев да стигнам до таа вселенска вистина која се распрскуваше пред очите.
Реално, се загубив понатаму со пристигнувањето на другарката, пиењето на кафе, дискутирањето за некоја нова песна, престава, последна прочитана книга, за политиката која се врти како што ќе му дојде на некој си господин што се прави паметен... Погледот свесно или несвесно ми бегаше кон дечкото кој сеуште беше занесен во својата работа, но сега на лицето ја забележав таа насмевка како да е задоволен од тоа што го работи. Посакав да дознаам што е тоа, посакав да го дознаам неговото име, но љубопитноста одеше до тука и немаше да и дозволам да ја пречекори таа граница на пристојноста која мозокот сакаше да ја игнорира. Забележав дека го испи кафето, си го плати, ја облече кожната јакна (моторџиска!), си ја зема папката каде што претпоставив дека ги ставил хартиите и ми се насмевна пред да замине или можеби мојот мозок тоа онака несвесно си го посака па си замисли дека се случи. Реално, знаев дека тој е само уште едно лице од многуте со кој човек секојдневно се сретнува, дека можеше да биде убиец, силувач или не знам уште што (на некој друг подобро би му одело набројувањето), но интересно е кога еден човек од сите може да ти го задржи вниманието и да те натера да се запрашаш некои навидум безначајни прашања кој понекогаш можат да допрат и до важни теми. Но, чудно е што беше тоа што тој беше позначаен од останатите (и притоа не говорам само физички).
Кога ја побаравме сметката, келнерката ми донесе еден лист хартија со една нацртана девојка која по некоја чудна случајност на Космосот или не знам какви слични глупости личеше на мене. Ми кажа дека е од дечкото што седеше спроти мене, но не ми беа потребни дополнителни описи да сфатам кој е тој. Значи, најверојатно се е во ред со мене и таа насмевка не била производ од некоја моја фантазија. Образите ми добиваат некоја чудна црвена боја додека срамежливо го земам парчето хартија и ја забележувам пораката на дното од хартијата.
„Некои луѓе ги сретнуваш само еднаш, но доволно е нивниот лик да не те остави на мира. Ги викаат музи, но реално до сега не сум верувал во тоа. Не сум тип кој е по романтики, ниту излитени фрази, но денес чувствувам потреба што не можам да ја објаснам со зборови. До следниот пат (затоа што знаеш, велат дека следниот пат некогаш ќе се случи)...“


Saturday, February 22, 2014

Духот од минатото

Несигурно влезе во издавачката куќа каде што требаше  да се одржи големата презентација на книгата „Животот не е сон“.  Доста слушаше за книгата на телевизија,  книгата ја нарекоа една од најдобрите на деценијата, а младата писателка ( Па ,добро веројатно со нејзините дваесет иседум години можеби би можеле да ја наречат млада... ) една од надежите напишаниот збор. Им се насмевна несигурно на луѓето кои срдечно го поздравуваа како да го познаваат цел живот. Понекогаш , навистина мразеше што е познат ,не можеше да се навикне на славата. Да, обожаваше да игра кошарка и беше навистина добар во тоа,но кога мораше да се соочи со славата му одеше тешко.  Со раката помина низ светло кафената коса, надевајќи се дека за момент ќе може да изчезне незабележан во толпата . За миг се праша дали донесе правилна одлука што дојде тука . Не ја познаваше авторката, но самото име Леа го потсетуваше на една девојка што требаше да биде загубена во лавиринот на неговите тајни и спомени на кои не сакаше да се навраќа.  Се насмевна збунето додека со погледот ја бараше Симона во салата која речиси беше полна со луѓе кои меѓусебно разговараа и занесено ја чекаа „непознатата“ писателка. Добро , веројатно беше добра штом имаше олку голема заинтересираност. Се поздрави со неколку свои пријатели  , со некои луѓе што не ги познаваше чувствувајќи дека повторно плови на немирните води на славата. И најпосле каде е Симона!? Се обиде да се врати во сегашноста ,но нешто не му даваше мир. Не се чувствуваше пријатно тука, чекајќи ја девојката која во последен час му кажа да тргне без неа затоа што шефот ја задржал на работа. Најпосле и онака беше нејзина идеја да дојдат овде, на промоција на книга за која никогаш не слушнал.Се сети како лежеше во креветот , одбивајќи да стане и да се покори на времето кога Симона влезе со неговата пошта (која патем и онака цел живот мразеше да ја чита ) носејќи едно розево парче на хартија кое беше официјалната покана  за промоција на книгата. Го молеше да дојдат како некое мало девојче. Не знаеше зошто таа имаше толку голема желба да оди на некоја глупава промоција , но секако дека таа успеа да го убеди. Прекрасно поминати моменти во креветот...
Се насмевна збунето , враќајќи се во сегашноста, во полната сала. Од страните стоеја изданијата на книгата. Црна корица со црвено испишани букви и некој странец опкружен со темнина. Чувствува дека  тој е странецот, дека по некоја чудна забуна на животот повторно се навратил на оние моменти од средното училиште  . Дека повторно ќе ја сретне девојката што ја сакаше повеќе од се ... Девојката што ја загуби . Нервозно подголтна, сфаќајќи дека ништо не е исто. Никогаш не може да биде толку едноставно и толку прекрасно како што беше. И тој не можеше повторно да ги направи истите грешки како некогаш...
Збунето се сврте кога ги почувствува рацете на Симонаоколу својата половина. Го носеше нејзиниот омилен прстен ,оној  со жолтото камче што и го подари кога беа на одмор во Венеција. Кога се чувствуваше толку виновен што помисли дека ја гледа Леа...
-Дојде ? – Ја погледна со насмевка. Изгледаше прекрасно ,во елегантниот црн фустан со златни прерамки во кои и онака долгите нозе иизгледаа уште подолги. Ја прегрна , уживајќи во нејзиниот D&G парфем кој постојано го користеше.
-Еве ме. Одвај успеав да се извлечам. Знаеш дека господинот Попов е навистина строг шеф. Се обидов да му објаснам дека денес треба да заминам само половина час порано ,но тој инсистираше дека немам такви права. Па , те молам како немам права.Зарем не сум и јас вработена како и сите други !? Но,ете успеав да го убедам откако се согласив да ми одбие 100 денари од платата. Како тоа да е многу важно ... – Се намурти спојувајќи ги веѓите .
-Мило ми е што успеа да се извлечеш . –Одговори Бојан додека се обидуваше да се справи со сите овие информации. Добро ,како некој може да држи ваков реферат. И тоа безначаен ...
-Да,супер. И како е овде? Има важни личности ? –Се обѕрна наоколу, сакајќи да се снајде во просторот. Мораше да и признае дека беше прилично добрa во тоа.Како да уживаше во вниманието што останатите и го посветуваа.
-Па,знаеш.Како секоја промоција .
-Не е ова како секоја промоција драги.Ќе дојде ипремиерот . Знаеш колку е важно ова?
-Очигледно не ...- Промрморе повеќе за себе, иако му беше драго што немаше да биде во центарот на вниманието.-Ја познаваш писателката?
-Хм,не . Мислев дека вие се познавате штом си добил покана. Но,верувам дека е некоја важна личност.Критиките за нејзината книга се совршени.
-Добро,ќе видиме ...-Зеде шампањско од келнерот што поминуваше и едната чаша и ја подаде на Симона. Му се насмевна онака заводливо. Пивна од  шампанското и уживаше во совршените меури што му се слеваа низ грлото. Не знаеше што чувствува кон Емилија . Сега внимателно ја набљудуваше ,долгите нозе, нежните раце , совршените гради , сините очи , русата коса средена до перфекција ... Да,беше совршенa но сепак  не беше тоа што го сакаше . Не беше ТАА. Не беше неговата Леа. Се согласуваа , заедничкиот живот во неговиот стан им одеше добро , беа слободни и уживаа во долгите и често бесони ноќи ,појадоците во кревет, туширањата секое утро со неа... Но , не ја сакаше !? Дури и по сите овие десет години ,ја немаше заборавено првата љубов . Сите следни девојки ги споредуваше со неа. А кога ќе се сетeше како ја загуби повторно се чувствуваше како последен глупак на светот кој ништо не направил од животот. Да,стана познат кошаркар, но што му носеше тоа? Имаше пари , безбројни патувања , илјадници девојки ,но го немаше мирот што му беше потребен. Не можеше ниту да ја врати неа. Добро,дефинитивно беше погрешна одлука што дојдоа овде. Името на писателката гопотстуваше на едни времиња кои требаа да бидат загубени на некое далечно и недостапно место. Леа Смит. Не знаеше која беше таа , не знаеше ни самиот што бара овде . Да ,дозволи да биде понесен од еден момент (добро ,еден совршено прекрасен и неверојатен момент! ) ,но сега не  беше доволно тоа . И се насмевна на Симона,кога ја почувствува нејзината рака во својата. Добро, Бојан време е да се вратиш во нормала. Очигледно го имаше пропуштено почетниот говор на премиерот кој стоеше гордо на сцената. Навистина ли пропушти толку додека се враќаше на своите и онака невозможни фантазии!?
Ја подигна чашата заедно со останатите додека „непознатата “ писателка влегуваше од златната врата позади сцената. Самошто...  Го загуби здивот за миг додека гледаше во писателката која излезе на сцената. Тоа беше таа. Неговата Леа... Но ,како !? Ги протри очите обидувајќи да се увери самиот себе дали е ова вистина . Таа беше тука ,на неколку чекори однего ,поубава од кога и да е .И навистина постоеше . Беше променета, но тоа беше истата девојка која ја сакаше сите овие години.Затоа што да , конечно си призна себеси дека беше вљубен во неа .Сите одушевено и аплаудираа , и тој се приклучи .  Беше блед, чувствуваше дека ја загубил смислата за сето ова што се случува околу него ,но беше толку ... Неверојатно .Подголтна уште еднаш , впивајќи ја со погледот. Гледаше еден дух од своето минато . Девојката што мислеше дека е мртва и никогаш повеќе нема да ја види стоеше пред него...


Sunday, February 16, 2014

Под среќна ѕвезда

Едноставно е, за некои луѓе не е важно колку време биле присутни во нашиот живот. Некои за само неколку недели, па дури и денови успеале да го направат она што некои не можеле да го направат цел живот. Тој беше една таква личност, личност која ме натера да го засакам светот и убавината на моментите за кратко време. Една личност која го сакаше светот повеќе од сите луѓе што ги познавав заедно, личност која само знаеше да ми каже да ги затворам очите за да може наивно со рацете да ми го помилува лицето. Кога го прашав прави тоа ми одговори дека сака да ја прочита човековата историја, дека сака да ужива во еден таков специјален момент. Како да ти објаснам, сретнуваш една личност, започнувате разговор и чувствуваш дека ја познаваш таа личност цел живот. Тоа беше тој, едно најубаво соѕвездие, па дури и една единствена ѕвезда која ме натера да сфатам колку светот е најубав ваков каков што е, со несовршени моменти, скршени срца, патетични клишеа, насмевки и солзи. Ме научи дека понекогаш доволно е да се предадеш на убавината на денот, дека не мораш да чекаш да се случи нешто специјално, дека можеш да бидеш таа промена во сопствениот живот што ја очекуваш наместо светот да те одминува. Да го сакаш светот, дури и тогаш кога ти се чини дека е против тебе. И мислам дека ништо нема да биде исто после него, ниту треба да биде. Ме натера да сфатам колку пропуштаме затоа што сме бесни за глупави работи кои се надвор од нашиот досег. Ме научи дека понекогаш доволно е да ги затвориш очите кога на небото нема ѕвезди и да замислиш дека се тука, да ја побараш внатрешната сила да биде тука секогаш со тебе дури и кога ти се чини дека светот се руши. Можеби и редно време е да се разбудиме и да сфатиме дека самите сме таа потребна промена во светот, наместо да очекуваме нешто и да не правиме ништо. Потребно е да прегрнеме светот и да се заљубиме во моментите и во обичното секојдневние затоа што тоа е се што имаме...
Затоа ти велам, некои луѓе не мора да бидат цел живот покрај тебе да те научат толку многу за светот. Понекогаш, едноставно знаеш дека со самото нивно присуство во твојот живот без разлика колку и да било кратко ќе остави последици. И тој беше таква личност што умее да го промени светот и луѓето со своето присуство. А во таква личност невозможно е да не се заљубиш...


Thursday, February 13, 2014

Нијансите на државава

-Што му е на него? Го удрила средновечна криза човекот. Подобро прашај што и е на неа па што се мавта со типот а на наши години е. Мислам се знае. Во такво време дојдовме кога принципите се помешаа со желбата за слава и пара. Мислиш гајле и е реално на неа што сите ја зборуваат? Немам коментар веќе, нека си прави секој што сака. И онака не е дека можам да променам нешто, ниту да натерам да размислуваат поинаку. 
-Па добро него можеби го удрила таа криза, но тоа ли е оправдување !? Сега по млади девојки ќе трча, ќе седне на сепаре на некоја си јака журка со младите и ќе ги голта со поглед сите девојки. А татко може да им биде еееј! Што мисли, во кој филм е ставен? Дека он уште е тој некој си младич ? Само што уствари косата му ја нема...
-Си може. Си има пари, има девојки кои го сакаат тоа, гајле им е озборувањата, за моралот, за се... И после човек да не сака да стане Раскољников... Па со ваква младина, далеку ќе стигнеме.
-Секогаш се имало поединци што ќе те натераат да сакаш да се преселиш на некоја друга планета. Не, не можам да сфатам што им се врти во тоа умот. Ако го имаат пардон. Ќе излезеш да се прошеташ, сите излезени по кафичи, сите дотерани, возат некој јак автомобил. И после сите се жалат се немаат пари!? Се знае како се стига до пари во времево. Се кој од кој поголем мафијаш. Лоповска држава, како што би кажал дедо.
-Се може, се прави. Парите го вртат денес светот, гајле им е дали ти си добар, дали имаш факултетска диплома. Ќе се скршиш од учење, ќе оќориш и за што!? Не ти е вреднувано ништо. Колку немаат работа? Реално се има работа, на црно ќе најдеш. Но, што за џабе си се мачел да не те вреднуваат како личност!? Тоа ти е денес, не те вреднуваат како човек ако немаш пари да се појавиш на најјаките журки, ако го немаш најновиот мобилен... И после зошто девојкиве се спонзоруши!? Си сакаат лесен живот, не сакаат да се мачат.
-И што со тоа? Со сето крадење и убедување на сите и себеси дека си добар? Демек нема да те мачи совеста и кога ќе се погледнеш во огледало чист си со себеси.
-Гледај, парите ти ја мијат и совеста. Било фер, било нефер никој не те прашува. Ова е денес, снајди се па живеј.
-Да, погази се што е правилно па после снајди се па живеј...
-Што мислиш што прават сите? Еееј, ги научив веќе. Пари и ете ти диплома. Пари и ете што сакаш имаш. А од каде пари? Се знае веќе мама и тато, спонзоруши, се синови на доктори, министри... Абе се врски ти е денес. Да не мислиш сам ќе опстоиш. И ај тоа батали, ама сите тие убиства, ладнокврност и после ни ги сервираат на тацна како несреќни случаеви, па самоубиства и не ти знам јас уште што. Абе ајде, глупави сме па мислат во се ќе поверуваме. И телевизииве да не ги коментирам подобро.Продадени души. Тоа е се.
-Знам брат. Реалноста ова ти е. Ни во своја држава не можеш да биде Македонец, да се изјасниш што си. Им дадоа премногу права на „браќава“ па што сакаат прават. И не се задоволни уште. Ееех, Македонче колку уште ќе трпиш додека се освестиш дека си ја продаваш државата.
-Уште долго, кога веќе ќе не снема. Жити се, како што сме тргнале малку ни останало век на нас. Угнетуван од сите па и од себеси. А да се освестат луѓето нема да биде лошо. Наместо да гледаат таму турски серии да им трујат тоа мозоците, можат да седнат да мозгаат што да се прави. И политичариве наши, наместо да се натпреваруваат кој е во право, можат да се здружат и да сработат нешто во корист на народот. Да се зачува нацијава не за друго.И говорам за сите политичари, гајле ми е од која партија се. 
-Мислиш гајле им е. Се е продадено, грабни колку можеш и бегај далеку. Тоа ти е. Не уништува нас светов, се погубивме себеси во таа малограѓанштина и желбата за докажување наместо да си помагаме еден на друг. И после крив ни е некој... Криви сме самите ние, со овој пилешки мозок и со голтање на сите тие приказни што ни ги сервираат на тацна. 
-Сакаш нејќеш во превод брат, заебани сме. Се додека не им текне на сите да се разбудат од тој камикази сон и да се борат за себеси. Но, ќе биде доцна. Ееех Македонијо, какви се луѓе те газат. И на никој не му текнува да стане на свои нозе и да се бори за своето...Ова ти е мојата чудесна земја....


Tuesday, February 11, 2014

Можеби!?

Замислено гледаше низ големиот прозорец во темната околина што ја опкружуваше нејзината куќа. Не знаеше колку е часот, најверојатно нешто после полноќ. Ги избриша солзите што немирно се слеваа низ нејзиното лице. Доста беше! Ги прегрна беспомошно нозете и уште еднаш со раката помина низ своите очи, забележувајќи ја црната дамка на дланката од маскарата. Длабоко воздивна, гледајќи во полната месечина што незадоволно трепереше во темнината на ноќта. Ги набљудуваше осамените контури на дрвјата, соголени и осамени како што и доликуваше на зимата. Студеше... Дури сега го забележа тоа. Којзнае најверојатно и огнот згаснал. Ја мразеше тишината што ја опиваше нејзината куќа и недостасуваше и квичењето на кучето Леки на нејзиниот комшија. Но сега и се чинеше дека целиот свет тоне во некоја осамена симфонија. 
Ги намокри усните и со раката помина низ долгата коса, кафена како мед. Воздивна длабоко, повторно чувствувајќи ја омразената тишина и празнина. Стана брзо и немарно се исправи. Со раката ги исчисти фармерките кои некако се беа напрашиле. Добро... И се допаѓаше таванот, мистеријата што сеуште не успеваше да ја реши и по долги шест месеци. На кого му припаѓаа сите овие работи кои тонеа во заборавот, прашината и трагите од времето. 
Се погледна во големото старомодно огледало кое беше поцрнето на краевите, изрезбано до совршенство. Пред себе гледаше непозната девојка со црвени очи од плачење, не оние блескаво смарагдно зелени, бушава коса, изгризени усни, облечена во џемпер кој немарно и паѓаше преку десното рамо, бледи фармерки. Не беше повеќе истата. Тој и ја уништи надежта и нејзината сакана секојдневност. Колку го мразеше што си замина така без збор, без збогум, без едно нормално објаснување. Со прстите се обиде да ја намести косата, но наместо тоа се фрли во еден болен плач кои и се откина од грлото. Се мразеше себе што вака реагира на него. Нервозно крцкаше со забите, чувствуајќи ја непријатноста што лебдеше во студениот воздух. Ги протри рацете, немарно шмркна со носот. Ја зеде црната кутија на која се сопна и незадоволно ја стегна. Очигледно ова не беше нејзин ден. Но, после него реално сите денови не беа нејзини, сите се слеваа во некое мрачно расположение од кое очајно се бореше да избега. Одамна се немаше чувствувано вака, како животот и таа да стапиле во војно поле а таа повеќе немаше сила да се бори. Мразеше да си го признае тоа на себе, да признае дека и таа е слаба девојка која можеше да сака само еден дечко и да му го предаде наивно своето срце. Тој не го заслужуваше тоа. Воздивна и ја фрли црната кутија што не знаеше од каде дошла. Можеби е нејзина, можеби беше нешто важно, но во тој момент ништо не беше важно. Посакуваше да може да се сплоти со темнината, да заборави на чувствата, посакуваше тој да биде покрај неа да му се развика, да го изгушка, да  потоне во неговата прегратка. Телефонот и заѕвоне, искрено немаше желба да разговара со никого. Го препозна неговиот број, ги затвори очите во обид да се смири. Не заслужуваше да му крене, но љубопитноста и беше посилна од лутината и омразата. Или можеби љубовта!?
-Што е? 
-Жал ми е. 
-Оди по ѓаволите! 
Ја спушти слушалката и го фрли телефонот на креветот. Солзите повторно се слеваа низ лицето, мразеше што реагира така на него веднаш штом му го слушна гласот. Знаеше кој е тој, знаеше дека не умее да сака а сепак се затреска во него како некоја си заљубена тинејџерка. 

Тој стоеше пред нејзината куќа, ја пушеше првата цигара и ги гледаше нејзините контури од нејзиниот прозорец. Го прати по ѓаволите! А што очекуваше ќе го прими со отворени раце како тој да и го купил омиленото цвеќе и чоколадо!? Не беше тој таков, не беше тој за неа. Не знаеше и зошто се врати кај неа. Му се допаѓаше студенилото, можеби повторно ќе го замрзнеше неговото срце кое решило еден момент да се бунтува и да се разбуди од таа своја приказна. Добро е што таа стави крај на нивната приказна со извичник и  ги избриша тие три точки кои тој го стави со своето заминување. Слегна со рамениците и се качи во својот автомобил, искрено решен никогаш повеќе да не дозволи патот да го доведе до ова место.

Таа ги избриша солзите и легна на креветот. Можеби требаше да знае од почетокот каков е тој. Можеби требаше да ги слуша сите останати и својата интуиција, да не му дозволи право на глас на своето срце затоа што беше нормално дека ќе погреши. Чудно е како на крајот се се сведува на едно обично можеби.